Активности во 2021 година

Во февруари, 2021 година Open Journal Systems (OJS) објави дека се преведува на 52 различни јазици, меѓу кои и на македонски јазик во превод на Научната фондација СПИРОСКИ (благодарение на Теодора Филдишевска)!
„Со секое поголемо издание, ја задолжуваме нашата заедница на преведувачи да подготви преводи пред да започне. За OPS, македонскиот е додаден и завршен. И на OMP, каталонски, фински, норвешки, полски, португалски (бразилски) и македонски сега се завршени. Нашето последно издание, исто така, покажа неколку нови јазици додадени на Weblate, вклучително и босански, грчки, галски, хебрејски, ерменски, јапонски, македонски, корејски и словачки. Иако во овој момент не е комплетен секој јазик, ние сме воодушевени што гледаме раст и на бројот на соработници (преведувачи) и на застапените јазици."

Open Access Macedonian Journal of Medical Sciences на 8. Март, 2021 година мигрираше на нова URL адреса со новите Open Journal Systems 3.3.0.3. Би сакал да им се заблагодарам на персоналот на Проектот за јавно знаење за брзата и непречена миграција и надградба на софтверот OJS.

На 31. Март, 2021 година Комисијата за избор на грантови на Цивика мобилитас ги оцени пристигнатите пријави и додели седум грантови кои ќе ги спроведуваат вкупно 22 организации. Акциите на новите грантисти ќе се спроведуваат во 9 различни сектори и ќе опфатат теми за развој на граѓанското општество, родовите прашања, демократијата, животната средина и природните ресурси, доброто владеење, човековите права, образованието, науката и истражувањето.
Со дел од проектите ќе се развива модел за јакнење на граѓански/женски алијанси (платформи) за застапување на социо-економски политики на локално ниво при закрепнувањето од пандемијата; ќе се формира диспечерски центар и мобилен тим за обезбедување на социјалните услуги за нега на стари и изнемоштени лица во руралните средини; ќе се создадат алатки кои ќе го зголемат обемот на донации за општествено релевантни иновативни проекти. Потоа, ќе се подобрува функционалноста и транспарентноста на локалниот инспекциски надзор и ќе се поттикнува двонасочната комуникација со граѓанските организации и граѓаните воопшто; ќе се зајакнуваат меѓуетничките односи и ќе се превенира радикализација преку креирање на систем за врсничко учење. Со некои од акциите ќе се воспостави систем за мониторинг на политиките и легислативата од областа на заштитата на дискриминацијата, со посебен фокус кон работата на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација итн.
Поддржаните акции во главно ќе се спроведуваат на национално ниво, а дел на регионално и локално. Грантистите доаѓаат од пет региони и тоа од скопскиот, источниот, југозападниот, пелагонискиот и североисточниот регион. На повикот што беше отворен до 3 март 2021 г. пристигнаа 92 пријави на вкупно 195 граѓански организации, фондации и медиуми. Од нив, 83 ги исполнија административните критериуми и беа доставени до Комисијата. Од Научна фондација СПИРОСКИ беше прифатен проектот во соработка со Здружение на граѓани Македонска медицинска студентска асоцијација – ММСА и Студентски организирана медицинска асоцијација СОМА, Штип со проектот НФС – Дарителски регистар за срцевина [НФС-ДРС].

На 14 Април, во 18:00 часот на платформата на Мicrosoft teams, Студентски организирана медицинска асоцијација – СОМА, предводена од студентите на медицински универзитет - ,,Гоце Делчев”, во Штип беше организиран вебинар со наслов „ Научна средба: Што знаеме за КОВИД-19?“. На вебинарот учествуваа: проф. д-р Мирко Спироски, Научна фондација СПИРОСКИ, Скопје: Имунолошки одговори кон инфекција со SARS-CoV-2 вируси; доц. д-р Голубинка Бошевска, Лабораториски технички офицер - СЗО Балкански Хаб; Лабораторија за вирусологија - Институт за Јавно Здравје: Лабораториска дијагностика на SARS CoV-2 вируси; доц. д-р супспец Рада М. Грубовиќ Растворцева, Факултет за медицински науки, Раководител на Институт за трансфузиона медицина – Скопје, Конвалесцентна плазма како терапевтска опција за COVID-19; проф. д-р Катарина Смилков, Факултет за медицински науки, вонреден професор по Биофармација и Биотехнологија, Катедра за применета фармација, отсек Фармација: Вакцини против SARS-CoV-2 вирус: пристапи и предизвици; и ассист. д-р Мери Шорова, спец. по трансфузиона медицина: Нарушување на коагулацијата кај пациенти со COVID-19.

На 25.09.2021 година Цивика Мобилитас го одржи четвртиот по ред „Ден на граѓански организации“ во Градскиот парк кај „Школка“. Ние го посетивме настанот и им се заблагодаривме на нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада (амбасадор на Швајцарија во Македонија) и на г-нот Александар Кржаловски (директор на МЦМС) за доделениот проект „Програма за промоција на дарители за срцевина“.
Покрај промоцијата на организациите од граѓанскиот сектор, се потпишуваа и кодекси од страна на организациите. Научна фондација СПИРОСКИ го потпиша Кодексот за граѓанск и организации и целосно ќе го почитува.

На 29.12. 2021 година Научна фондација СПИРОСКИ, Скопје (проф. д-р Мирко Спироски трет од десно) прими благодарница од Градоначалникот на општина Теарце, Нухи Незири (трет од лево), заедно со Месна заедница Лешок (Јовица Поповски, прв од лево), владиката Тетовско-Гостиварски Јосиф (втор од лево) и Специјална болница за туберкулоза Лешок (д-р Исмаил Ваити, втор од десно). Ние остануваме и понатаму посветени на подобрување на граѓанските вредности.